Искра Геразова

Тој пак крена галама: сопствени согледувања и искуства за ликот на Тито

 

 

 

Родена сум во 1983 година во Скопје. Тоа е само три години од ова време, време по смртта на Маршалот. Јас тоа не го гледам така трагично, особено што го знам човекот. Околината направи него да го вбројам во најдобрите другари. За него знам кога е роден, каков живот живеел, како напредувал, колку  успеал во животот. Се радувам за таквите мои другари и да имаше коза, јас ќе му ја хранев. Се обидувам да се сетам каде првпат го запознав. Дали првото сеќавање ме води во Белград? Поточно се сеќавам само дека имав пет години и заедно со бато и мама одвоивме еден ден за посета на Куќата на Тито. Чесно е да ви кажам, од неа ми текнува само на еден момент, како слика. Тоа беше соба во која се наоѓаа крпите од неговиот семеен тоалет. Понатаму се сеќавам кога во основно училиште учествував во три приредби во кои се спомнуваше или се зборуваше за него: „Во малото село Кумровец се роди малиот Јоже...“

Денес, благодарение на постарата генерација, лично моја, а и поширока, благодарение на медиумите, книгите, списанијата, документарците, интернетот, за него знам речиси сè. Всушност, не баш сè, но знам повеќе отколку што знам за мојата најдобра другарка. Едно само не ме остава да спијам. Каде е неговиот прстен спасител? Во годиниве наназад неговата латентна актуелност константно траеше. Тук-таму, па ќе го извадеше некој од џеб: „Оваа завеса што ја гледаш, во негово време на седумнаесет рати ја земав, а денес, види што е...“ (Инф: Ѓурѓа Трајковска), или пак почесто: „Дали некој ќе ни ги врати убавите времиња?“

Лошо мислење за него од генерациите што живееле во негово време немам чуено. Можеби и нема таков човек преживеан. Но, сега гледано помладите генерации се поделени: „види што им направил“, „ја задужил земјата ко Грчка“, „мајка ми уште не е крстена“, „немој на тато да му кажеш нешто лошо за Тито, ќе те убие“. Во врска со ова, побарав коментар од стручно лице, психијатар (Доц. д-р Викторија Вујовиќ), за Титивото време од генерациска гледна точка: „Нашиот период, период на средните генерации Тито го одбележи со носталгија кон сè она што го носи асоцијативниот момент на организираност, чувството на сигурност, чувството на припадности можеби дефинитивно една идеалистичка претстава за харизматичен лидер со кој би тргнале на крај на светот. Автентичноста на емоциите кај неговите приврзаници, на неговата идеја знае често да нè наврати кон споредбата како било тогаш, а како е сега. Младите генерации ќе кажат затоа ’што сме биле помлади и тоа е навраќање на младоста’. Но, приврзаници на титовото дело сретнуваме и кај младата генерација на која и е понуден како еден позитивен модел на претседател без минимизирање на неговите човечки и лидерски потенцијали. Тито е дел од нашата историја. Колку и да имаме спротивставени ставови какво е влијанието на постапките од тоа време врз денешницата, сепак Тито е Тито.“

Во квечерините на 08.05.2005 година громогласно одекна веста за „разубавување на нашиот град“. Станува збор за лиен споменик од бронза на Јосип Броз - Тито кој треба да блесне... Каде? Е па не погодувајте, оти не се знае сè уште. Се знае дека иницијативата ја покрена нашиот претседател Бранко Црвенковски. „Со тоа треба да биде одбележана 60-годишнината од победата над фашизмот“, со дополна дека „Тито е лидер во борбата против фашизмот и историска личност која многу придонела за македонското национално прашање и градење на македонската државност.“ Иницијативата била поднесена до Владата на Република Македонија, Сојузот на борците и до градоначалникот на град Скопје, Трифун Костовски.

Следува прашањето: како може да се работи за Тито, а да не се крене галама? Е па, не може. Одговорот е: „Тито секаде“. Во  дневниот печат: Тито на насловна; на вести, на телевизија, прва вест: Тито; радио - исто. Беше тема или се спомна буквално на сите политичко - контакни емисии. Анкети „фрчеа“ на сите страни. Во емисијата Чуму (се работи за емисија од оној тип со која се започнува утринското кафе наредниот ден на работа) се дадоа интересни коментари од типот: „Каква порака му се дава на демократскиот свет“ (Никола Младенов, новинар); потоа Јован Донев: „Политичарите треба да обединуваат“. Интересен коментар наведе политикологот Хисни Шакири во врска со албанското мислење. Тој наведе дека во тоа време 60% од Албанците имале позитивно мислење за Тито, а денес албанската интелегенција има негативен став за тоа што биле третирани како граѓани од втор ред. И така сите коментираа, кажуваа што мислат и зашто го мислат тоа, добро е или не е. Така почнаа да се насочуваат и дебатите преку емисии, анкети, гласања итн.

За да се има една процентуална слика на јавното мнение, вака изгледаше една анкета на дневниот весник Вест направена на 09.05.2005 год. која гласеше: „Треба ли да има споменик за Тито во Скопје?“. Резултатот беше: 39% од анкетираните беа „За“, а 61% „Против“. Луѓето кои доживеале и се сеќаваат ја потсетија јавноста на мили и немили настани. Слушнавме за Голи оток, Солун, за 1948 година, за 1963 година и на уште многу нешта. И политичките реакции следеа: премиерот Бучковски - позитивен, со изјава: „Тито е заслужен за независна Македонија“; опозицијата се изјасни дека не се согласува со иницијативата и истакна: „Идејата за македонската држава е на македонскиот народ“. Нашиот градоначалник се истакна дипломатски и позитивно: „Потребна е научна дебата за да се утврди историското значење на Тито во македонската историја за да можеме да му дадеме адекватен третман“. Албанските партии во нашата земја не беа ни „За“ ни „Против“, поточно не се изјаснија тој ден, можеби затоа што видоа дека веќе има спротивставени сили, па не треба да реагираат. Шегата на страна, по неколку дена и тие го формираа својот став а тој беше негативен.

Се огласи и Друштвото на љубители на личноста и делото на Јосип Броз Тито. Тие, како што ми објасни нивниот претседател, сесрдно ја подржуваат иницијативата. Денес се незадоволни од брзината на текот на целиот тој процес, па затоа пред еден месец, на почетокот на ноември 2005 година испратиле писма до претседателот Црвенковски, премиерот Бучковски, градоначалникот Костовски како и до министерот за култура. Тие побарале прием, разгледување на ситуацијата и истакнување на некои нивни предлози за побрзо реализирање на идејата. Здружението предлага: да се употреби некој од трите споменици на Тито кои се наоѓаат: во фабриката МЗТ, во неговата спомен соба (која претходно била во касарната Маршал Тито, сега Илинден) или некој кој бил фрлен во подрумот на Собранието. Еден од нив да се се постави на улицата Маршал Тито (денешната улица „Македонија“ во Скопје), спроти споменикот на Мајка Тереза, до кината Вардар, таму, или пак во Градскиот парк, зад споменикот на Гоце Делчев. Ако има нешто друго, се нудиме и парично да учествуваме. Ќе собереме од народов.“ (Инф: Слободан Угриновски, Претседател на Здружението).

Малку по малку, по една недела сè се стиши. Помина Нова Година. Нешто друго се појавуваше на насловните, за некои други нешта се правеа анкети. Околу тоа прашање не се направи ништо конкретно. Остана сè отворено, отворено можеби до некој друг текст за него. Оттогаш па до сега поминаа речиси девет месеци. Целата галама не вроди со плод. Веќе никој ништо не спомнува за тоа. Затоа решив да поставам прашање по скопските улици: „Зошто и по една година од поднесувањето на иницијативата за изградба на споменикот на Тито во Скопе, ништо не е направено?“

За  подзаборавената тема, би рекла и неадекватно прашање, за што се уверив самата, добив само коментари од типот: „Луѓето и народот кои го негираат и го забораваат минатото се негираат и забораваат самите себе...“, „Во нашата средина актуелните настани ги препокриваат доблестите на периодот во кој живееше и твореше Тито...“, „Тито е харизматична личност која можеше да го контролира лудилото на овие простори“. Иако не добив конкретни одговори сепак се покажа почитта кон Титовата личност и неговото време. Треба ли нешто тоа да значи?

Сега само продолжуваме да го гледаме Другарот на документарецот на Discovery за големите светски лидери, во Времеплов да го споменат на денот на кој што направил нешто, да пиеме кафе во Броз, да каснеме нешто Кај маршалот итн. Исто е и дома. Ќе го видам на сликата која е потпрена зад вратата, или пак кога ќе треба да направам „генералка“ на собата. Исто така и кога доаѓа баба ми Драгица од Америка на ручек,  мајка ми ќе ми каже: „Ајде, Тито долази у нашем граду“. Јас само ќе се насмеам и тука ќе завршам.

 

Информатори:

- Ѓурѓа Трајковска;

- Доц. д-р Викторија Вујовиќ, Клиника за психијатрија, Скопје;

- Слободан Угриновски, Претседател на „Здружение љубители на ликот и делото на Јосип Броз Тито“.